ЕУ ДЕГЕНИЗАМ И КОРОНАСАНСА

Министрите за надворешни работи одобрија почеток на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија. За преговарачка рамка и конкретни датуми за почеток на преговори дополнително ќе се одлучува. Во ред! Не дека сакам да девалвирам и минимизирам било каков успех, ама! Мора да има „ама“!

Се ова изгледа крајно лицемерно. Откако истата таа Европска Унија не обезбеди никаква финансиска помош за нашата земја (освен можноста за кредитирање преку ЕИБ), откако забрани извоз на медицинска опрема во Македонија и другите балкански земји, откако не покажа солидарност ниту за земјите кои веќе се членки на ЕУ, одобрува почеток на преговори со Македонија и Албанија. Добро, и до тука се е во ред!

Денес оваа вест интензивно ќе се „вергла“ на сите медиуми. Веќе од утре ќе биде небитна, лита, апсолутно незначајна и непотребна.

Нашите проблеми ќе си продолжат, нашата борба со пандемијата ќе биде тука и ќе си биде само наша, дека не очекува економски крах е повеќе од извесно. Илјадници македонски мали и средни компании се на работ на егзистенција, крајот на пандемијата ни од далеку не се гледа, а мерки за спас нема. Веројатно е дека многу од овие компании ќе ги снема, многу од нив ќе отпуштаат работници, а останатите ќе „лечат рани“ во наредните година-две. А економски мерки нема!

Ама ако, вечер во 21.00 часот ќе излеземе на терасa и со огромен аплауз ќе го поздравиме почетокот на преговорите со ЕУ. Без датум!

Полноправното членство ќе го поздравиме пак, ист термин, година 2035-та.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *