Културните работници се против избор на Бени Шаќири за директор на МКЦ

250 независни уметници и културни работници бараат од премиерот Зоран Заев да спречи менување на сегашниот в. д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шаќири на директорската функција. Во отвореното писмо до премиерот се вели дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетнот на работа на МКЦ.

Продуцентот Арсов е назначен за в. д. директор на МКЦ во март лани, откако директорот Златко Стевковски си даде оставка. Арсов е истакнат продуцент и долгогодишен програмски директор на настаните кои ги организира МКЦ, како фестивалите Млад отворен театар, Синедејс, Здраво млади, Земјотрес и голем број ликовни изложби. Конкурсот за нов директор беше објавен во февруари годинава, а Арсов и Шаќири се единствените пријавени. Оттогаш почна и кампањата на социјалните мрежи под наслов #НеГоЧепкајтеМКЦ.

Во продолжение е писмото кое културните работници го испратија до Заев:

,,Почитуван г-дине Зоран Заев, Ви се обраќаме по повод најавените промени во управувачката структура на Младинскиот културен центар во Скопје. Не случајно ова писмо Ви е адресирано Вам, со оглед на тоа што неодамна најавивте суштински промени во Владата на РСМ, но и во голем број јавни институции во државата. Максимално ја поддржуваме потребата за прочистување и подигање на квалитетот на кадарот по државните и локални институции, кои очигледно се на мета на вашата популарно наречена „метла” и веруваме дека тоа го правите со желба за суштинско подобрување на ситуацијата во повеќето од нив. Но, во овој случај чувствуваме граѓанска одговорност да Ви укажеме на сериозните негативни последици по кревкото битие на живата, автентична независна култура, до кои секако ќе дојде доколку го нарушите континуитетнот на работа на Младинскиот културен центар во Скопје.

Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа.

Затоа господине Претседател на Владата на РСМ, упатуваме силен апел до Вас, МКЦ Скопје да биде одминат од вашата „метла” овојпат. Причината е едноставна: не се уништува она што функционира. Факт е дека моменталниот ВД директор, господинот Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Континуираниот процес на работа е од есенцијално значење не само за македонската култура, туку и за општиот развој на вредностите на нашата општествена сцена.

Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде.

Почитуван господине Заев, ве молиме овој апел да го сфатите крајно сериозно и да не се сомневате во конструктивноста на нашите намери. Ние работиме со децении на независната сцена. Водени од желбата за напредок и повисок степен на култура, бевме на улиците кога тоа беше најпотребно за нашата земја и верувајте, на нив ќе се најдеме повторно ако има потреба. Било каква промена во МКЦ Скопје значи руинирање на еден од најсветлите континуитети во Македонија, брутален удар во нежното ткиво на независната сцена, со несогледливи последици во следните години, во кои токму таа сцена ќе мора да биде ваш, но и голем сојузник на земјава во нејзиното припојување кон Европската Унија. Доколку го нарушите овој фантастичен процес кој успеавме да го развиеме, ќе бидете одговорен не само пред двигателите на македонската уметничка свест на ова време, туку и пред историјата на нашата земја. Независната културна сцена можеби не изгледа импозантно во вашите очи, вперени кон Брисел и Вашингтон. Но ние сите сме сепак тука, и тука ќе останеме. Затоа размислете”.

Изборот на директор на МКЦ го врши градоначалникот Петре Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. За избор на директор Град Скопје во февруари распиша конкурс, но рекоа дека изборот ќе биде направен по завршување на претседателските избори.

Од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека сѐ уште не е избран нов директор на МКЦ и дека Комисијата ќе се состане деновиве, по што ќе информираат кој ќе раководи со оваа институција.

Шаќири редовно настапува на изборните кампањи на СДСМ, а последно настапуваше и на митинзите на претседателската кампања на Стево Пендаровски кој беше кандидат на владејачката партија.

Во февруари, кога потврди дека се пријавил на конкурсот, Шаќири категорично ги отфрли шпекулациите дека СДСМ ќе го намести него како директор на МКЦ.

„Немам ниту партиска книшка. И да не бидам избран, јас немам намера да ниту да се жалам ниту да кревам врева околу тоа. Јас сум музичар и јавноста добро ме познава, од фелата сум, не аплицирам за директор на гинекологија“, изјави Шакири за Независен весник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *