МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА

Македонска Каменица — град во источниот дел на Република Македонија. Се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини на нивната јужна падина. Познат е како рударски град. Најпознатиот македонски рудник за олово и цинк Саса е во неговата непосредна близина. Општина Македонска Каменица е самостојна општина од 1996 година, на 14-ти декември 1996 година е конституиран првиот Општински Совет. Општина Македонска Каменица зафаќа површина од 19.037 ха, има 9 населени места со вкупно 8.110 жители (според последниот попис од 2002 година).

Името Каменица потекнува од име на река, неговото знaчење е „вода што тече во каменесто корито“. Во минатото името на селото е документирано во еден запис од 1566 година, како Камена Река, од која потекнува и првиот познат македонски печатар Јаков, кој е познат како прв македонски печатар. Тој во 1566 година ја печати  книгата „Часослов“ во Венеција.